Доделените ваучери за домашен туризам од владата ја спасија туристичката сезона во земјава. Бројот на туристите во август 2020 г. бил намален за 38 отсто, а бројот на ноќевања опаднал за 24 отсто во споредба со идентичниот период лани. Сепак, домашните туристи во август биле побројни за 9 отсто во однос на истиот месец од минатата година, а оствариле и за 1,1 отсто повеќе ноќевања во однос на август 2019 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
За разлика од нив, многу лоши податоци има за странските туристи, кои во август 2020 година биле намалени за дури 93 отсто, а бројот на нивни ноќевања опаднал за 91 отсто во споредба со истиот период од 2019 година. Од овие резултати, може да се заклучи дека ваучерите за домашен туризам сепак многу ќе му помогнат на туристичкиот сектор за да ги пополни испразнетите капацитети поради ковид-19 пандемијата.
Инаку, ваучерите што им беа поделени на 117.122 граѓани со ниски приходи можат да се искористат во домашните сместувачки капацитети и угостителските објекти до 15 декември годинава. Покрај можноста овие граѓани да добијат бесплатен одмор на товар на државниот буџет, овој владин потег треба да ги ублажи штетите во туристичкиот сектор поради отсуството на странски гости.
Статистичките податоци покажуваат дека во периодот јануари ‒ август 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 60 отсто, додека бројот на ноќевањата опаднал за 45 отсто.
Текстот е преземен од Мета.мк