Туристичко-угостителскиот сектор кој трпи значителни штети од ковид кризата ќе добие од државната каса финансиска поддршка од 7,5 милиони евра до крајот на годината, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши. За таа цел, на почетокот на наредната недела Министерството за економија ќе објави пет јавни повици коишто произлегуваат од мерките за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, а се предвидени во четвртиот сет владини мерки.
До крајот на месецот ќе може електронски да аплицираат на платформата „Дома си е дома“ сите туристички агенции, игротеки, туристички водичи, ресторани што организираат свадби и други правни лица од угостителскиот сектор, а Министерството ќе ги обработува апликациите веднаш, со цел за побрза исплата на средствата.
Ова беше кажано на денешниот работен состанок на министерот за Бектеши со претставници на туристичко-угостителскиот сектор. Како што соопштија од Министерството за економија, Бектеши посочил дека со четвртиот сет мерки, со директна финансиска поддршка, преку грантови, се опфатени рестораните, игротеките, лиценцираните туристички агенции и туристички водичи, а е предвидено и враќање на туристичката такса за 2019 година за туристичките објекти.
„Преку директна финансиска поддршка ќе им помогнеме на сите туристички работници и угостители кои како резултат на пандемијата имаа најголеми загуби. Вкупната финансиска поддршка изнесува 459.650.000 денари или 7,5 милиони евра, а овие средства ќе се исплатат директно до туристичко-угостителскиот сектор до крајот на годината, односно во периодот ноември и декември. За мерката-грантови за ресторани се предвидени 60 милиони денари, за игротеки, 153 милиони денари, за грантови за лиценцирани туристички агенции се предвидени 116.850.000 денари, за туристички водичи 9,8 милиони денари, додека за поврат на уплатената туристичка такса за 2019 година се предвидени средства во висина од 120 милиони денари“, информираше министерот Бектеши.
Инаку, според последните податоци од Државниот завод за статистика, од јануари до септември 2020 година, во однос на истиот период лани, вкупниот број на домашни и на странски туристи е намален за 60,4 отсто, при што кај домашните има намалување за 20,7 отсто, а кај странските за 83,8 отсто.
Бројот на туристите во септември 2020 година изнесувал 44.313, а на ноќевањата 117.118. Притоа, туристи имало за 63,9 отсто помалку од истиот месец лани, а ноќевања за 57,5 отсто помалку. Домашни туристи во септември годинава, во однос на септември 2019 година, имало повеќе за 33,7 отсто, а бројот на странските туристи е намален за 92,3 отсто, додека странците оствариле и за 90,9 отсто помалку ноќевања во споредба со септември минатата година.