На 10 јули 2019 год. во Охрид се одржа пограничниот настан  „Градење на заедничка иднина – Creating a common future“ во организација на 9 проекти имплементирани од страна на 30 граѓански организации, корисници на грантови од Програмата за прекуграничен развој помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија финансирана од страна на Европската Унија. Настанот се одржа со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Делегацијата на Европската Унија во Република Албанија, Министерствата за локална самоуправа на двете земји и Министерство за Европа и надворешни работи на Република Албанија.

Целта на настанот беше покренување на дискусија и разгледување на можностите за развојот на туризмот и соработката во прекуграничната област меѓу Република Северна Македонија и Албанија и промовирање на резултатите на 9 проекти кои се дел од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија. Преку 150 учесници професионалци од областа на туризмот, невладиниот сектор, претставници од општините и од бизнис секторот, како и медиуми од двете земји имаа прилика да дискутираат на теми од областа на туризмот и прекуграничната соработка меѓу двете земји, а во исто време да се запознаат и со досегашните резултати и идните активности на 9-те проекти.

Во продолжение следуваше Конференција на тема „Развој на туризмот во прекуграничната област“ на која во 3  панел дискусии се отворија теми поврзани со туризмот. Истовремено со панел дискусиите, во центарот на Охрид се одвиваше отворен саем на деветте проекти/корисници на грантови, каде на штандови преку промотивен материјал, преку директни средби со официјални претставници на проектите и различни други содржини, сите заинтересирани лица имаа прилика да се информираат околу програмите и резултатите за секој проект поединечно, како и можноста за соработка. Како дел од настанот беше и официјалното отворање на спасувачкиот центар на Црвен Крст во Охрид – прв во регионот од таков вид. За важноста на центарот и придобивките за регионот зборуваа амбасадорите на ЕУ Делегациите во Република Северна Македонија и Република Албанија, Министрите  за локална самоуправа на двете земји, Претседателот на Црвениот Крст во Охрид и Градоначалникот на Охрид.