Туристичко-угостителскиот сектор е во исклучително тешка состојба, а деловните субјекти не можат да ги подмират достасаните обврски и се принудени да ја прекинат својата деловна активност, велат од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ).
Оттаму додаваат дека се доведува во прашање одржувањето на голем број работни места.
„Ако итно не се исплати поддршката со петтиот пакет на мерки и не се обезбеди дополнителна директна и неповратна финансиска, постои реална опасност да бидат оштетени и да згаснат голем број ентитети од овој сектор“, предупредуваат од комората.
Претпријатијата од овие сектори реагираат поради задоцнетата имплементација на петтиот пакет мерки затоа што бележат пад на промет од над 80 отсто, а во некои дејности падот е и 100 отсто.
„Поддршка за исплата на плата за јануари, воопшто не е предвидена, а за месеците февруари и март сѐ уште се чека на донесување на законската регулатива. Состојбата дополнително се влошува и поради новите рестриктивни мерки кои значат речиси целосно затворање на објектите од угостителство. Рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните се пред сѐ, но сметаме дека паралелно со нивното носење треба да се креира и додели соодветна помош за претпријатијата“, стои во соопштението на ССКМ.
Според Ана Марија Алексова, член на УО на ТУК, претпријатијата од овој сектор се оставени сами да се снаоѓаат, излезот се бара во намалување на трошоците кои во услови на немање деловна активност, значи редуцирање на работни места.
„Доколку се дозволи затворање на работните места, ќе бидат потребни многу повеќе средства и време за нивно повторно отворање и во прашање е дали воопшто некогаш ќе се отворат, доколку згаснат претпријатијата“, вели таа.
ТУК бара да биде редизајнирана економската мерка „ваучери за туризам“ која и досега беше дел од пакетот за спас и за која има најава дека ќе продолжи. Овие ваучери треба да бидат достапни и да се реализираат преку туристичките агенции, со вклучување на категоризирани хотелите, лиценцирани туристички водичи, превозници од транспортниот сектор, со што граѓаните би добиле комплетна услуга, а средствата би биле распределени на сите чинители на кои им е потребна.