По повод прославувањето на Денот на народното востание – 11 Октомври, Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ денеска ја промовираше Монументал МК – нова туристичка рута за споменици и бруталистичка архитектура. Станува збор нов туристички водич и бесплатна мобилна апликација на пет јазици, вебсајт и промотивни сувенири. Оваа тура опфаќа 30 локации во Скопје и другите градови сместени покрај автопатот А1, коишто ги прави идеално место за попатни паузи.
Претставникот на проектот, Мишо Докмановиќ потенцираше дека Монументал МК е инспирирана од зголемениот интерес на странските туристи за заборавеното споменично и архитектонско наследство од социјалистичкиот период. Главната цел на проектот е да се поттикне локалниот развој преку мапирање на локации и развој на нова и автентична тура која домашните и странските туристи ќе можат да ги искусат преку користење на нови иновативни алатки за туристичка промоција. Најголем дел од локациите се на отворено, а домашните и странските туристи може да ги посетат и во услови на пандемија.
Извршната директорка на Стопанската комора за туризам, Биљана Пејоска Ристеска, нагласи дека станува збор за исклучително креативен и оригинал проект и рута која носи додадена вредност на туристичката понуда на земјата.
Овој настан се реализираше во рамките на проектот „Споменици и бруталистичка архитектура во Северна Македонија: Поттикнување на туристичката промоција за поддршка на локалниот развој“ и е имплементиран од страна на ИСИЕ. Проектот е финансиран од грант на Проектот за развој и промоција на туризмот на Регионалниот совет за соработка и Европската Унија во обид да се придонесе за растот и конкуренцијата на шест економии од Западниот Балкан преку поддршка за развој и промоција на заедничката регионална, културна и алтернативна понуда.
Текстот е преземен од Мета.мк