“На почетокот кога го отворивме хостелот се  чудевме кој гости ќе ни дојдат бидејќи Гостивар не е туристички град, ниту пак туристичка дестинација. Но ете како поминува времето, сфативме дека не мора да си туристичка дестинација за да доаѓаат гости,  Гостивар го посетија многу туристи од целиот свет„ раскажува Биљана Дабеска сопственичката на хостелот “Тивко Катче“.

Традиција во угостителството

Тивко катче е на истата локација од 1980 год ни раскажува Биљана. Претходно во 1960тите години во центарот на градот дедо ми имал кафеанче под кирија наречено “Вардар“. Традицијата во угостителтвото ни е многу стара, уште во 19 век моите предци имале своја визба во куќата во село Бањица, каде продавале вино и ракија, и биле многу познати во тоа време. Паметам татко ми ни раскажуваше дека пред изградбата на Мавровското езеро, Бањичкото поле било многу плодно и одгледувале лозје кое потоа го правеле вино и ракија. Раскажуваше како ги миеле огромните дрвени буриња, се качувале на големи скали за да влезат внатре и да ги чистат за следната употреба. Учествувале и на изложби каде го претставувале своето грозје и на една од тие изложби добиле награда за најголем грозд на Полошкиот регион, по што ја понеле наградата златен грозд.

Раѓањето на Тивко Катче

Во 1980 година ја продаваат куќата во село Бањица и градат нова куќа во Гостивар, каде на приземјето ја отваараат сегашната кафана „Тивко Катче“, кое е во етно стил, направена од дрво и камен и ден денес има моменти и украси кои  стојат на исто место веќе 40 години ни раскажува Биљана. Во ресторанот се служи традиционална храна, секакви видови на скара, без овчото планинско сирење од Кораб не може да се замисли ниту една софра, а специјалитет на куќата е јагнешко, јарешко и телешко печење. Во текот на сите овие години се трудиме максимално да обезбедуваме продукти од органско потекло, претежно од планинските села. Постојано сме во потрага по најдоброто, најквалитетното и пред се органското производство. Тајната на квалитетот е во свежо одбрано месо и огрански продукти. Татко ми беше главен и одговорен менаџер за се, се грижеше за ресторанот постојано, носеше автентични орнаменти кои се повеќе и повеќе го разубавуваа амбиентот, заедно со мајка ми ги аранжираа четирите бавчи со разновидни цвеќиња  и украси и навистина беа незаменливи домаќини.

На жалост татко ми почина пред три години, нашиот херој, борец, човекот со големо срце, по кого жалеше цел град и младо и старо и сите националности, не остави сами да продолжиме да се бориме и да го продолжиме неговиот проект. Проектот не беше ни малку лесен., раскажува Биљана Дабеска сопственичката на Тивко Катче.

Идејата за хостелот

Хостел од секогаш ми била поинтересна варијанта за поевтино патување, а и позабавно сместување, како и место за размена на култури. Доста често патувам и секогаш наоѓам сместување по хостели низ светот. Изминативе години многу млади луѓе се преселија на Маврово, каде отвараат хостели, планинарски домови, апартмани и слично.  Многу често ги посетуваме и се среќаваме со најразлични гости од целиот свет. Во една прилика еден гостин ме праша зошто во Гостивар нема хостел. Човекот патувал со точак, пристигнал во Гостивар во попладневните часови и сакал да се смести негде во градот, за да рано утрото тргне за Маврово, но не нашол ниту еден хостел и продолжил да вози нагоре.

Еден ден после долго размислување им предложив на мајка ми и брат ми да направиме хостел во последните два ката од куќата бидејќи беа празни, неискористели, таман колку за 4 соби и дневен престој со кујна. Не ни требаше многу време да размислуваме, идејата беше усвоена. И така почнавме со работа, секој ден малку по малку за пола година беше веќе спремен. Во јуни минатата година го отворивме хостелот, први гости не беа турци кои што беа студенти на турскиот универзитет во Гостивар. Од тогаш па се до сега, хостелот работи со полна пареа, многу гости ширум светот го посетија, кој на една вечер, кој на две и повеќе. Сите видно воодушевени од амбиентот и топлината која ја нуди. На почетокот се чудевме кој гости ќе ни дојдат бидејќи Гостивар не е туристички град, дури и од Општината истото ми го велеа кога го спремавме хостелот, ни се чудеа кој ќе ни дојде и зошто би го одбрале Гостивар како туристичка дестинација. Но ете како поминува времето, сфативме дека не мора да си туристичка дестинација за да доаѓаат гости,  Гостивар го посетија многу туристи од целиот свет. Нашиот град е раскрсница која води за Албанија, Охрид, Маврово. И навистина е место за преноќевање, многу млади луѓе кои патуваат со точак, кампери, со стоп, мотори, планинари и слично.

Хостелот функционира веќе 10 месеци и сме презадоволни од работата. Горда сум бидејќи и јас основав нешто ново и ја продолжив традицијата на семејството а тоа е работа со туризам. Морам да напоменам дека и хостелот како бизнис се врза со кафаната, бидејќи нема еден гостин кој што преспал, а не посакал да го вкуси традиционалното јадење кое ние го приготвуваме.  Едноставно ги споивме традицијата и модерното, искрено се радувам што нашата кафана, која воедно е и најстара кафана на подрачјето на Гостивар и околината ја посетуваат туристи од сите страни на светот, дури има и такви кои од сега резервираа за на лето, сакаат повторно да се вратат и да уживаат во гастрономското искуство кое ние го пружаме.