„Градење на заедничка иднина – Creating a common future“ е слоганот на претстојниот пограничен целодневен настан, што на 10 јули ќе се случува во Охрид, во организација на девет проекти имплементирани од страна на 30 граѓански организации, корисници на грантови од Програмата за прекуграничен развој помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, финансирана од страна на Европската Унија. Вкупна вредност на проектите финансирани од Европската Унија е околу 3 милиони евра. Ова случување планирано е да обедини над 150 учесници од најразлични профили професионалци од сферата на туризмот, претставници на невладиниот сектор, локалната самоуправа, бизнис секторот, (активни во туризмот, агротуризмот и угостителството и стопанските комори), како и од медиумите.
Главен фокус на ова случување е идентификување на можностите за развој на туризмот, унапредување на соработката во прекуграничната област меѓу Република Северна Македонија и Албанија, како и промовирање на резултатите на проектите кои се дел од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.
Предвидена е регионална конференција со наслов „Развој на туризмот во прекуграничната област“, на кои заеднички предзнак ќе им биде прекуграничната соработка во поттикот на локалната и регионална економија, развојот на одржлив туризам, важноста на иновациите во обезбедувањето регенериран и поквалитетен еко систем, можности за нови вработувања.
Присутните на 10 јули ќе имаат можност да бидат дел и од атрактивен Саем кој ќе има за цел да ја илустрира синергијата на досегашната регионална соработка, (во рамки на 9-те проекти, дел од Програмата за прекуграничен развој помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија), но, и да сведочат на отворањето на спасувачкиот центар на Црвен Крст во Охрид – прв во регионот од таков вид.
На самиот старт предвидени се обраќања на високи претставници на двете земји.