Нови туристички пакети на членките на СТЕП мрежата

Задоволство ни е да ги промовираме новите пакети на членот на СТЕП, Дурсим Рушани за 2021 година !!! Кој не би посакал пријатен престој на Шар Планина, таму каде има пријатниот звук на планинските птици и свежиот воздух .Новиот Хостел на Фолклорот нуди сместување за луѓе кои сакаат да уживаат во овие убавини повеќе од еден ден. Цената е 1000 МКД по лице само за преноќевање, додека 1200 мкд по лице преноќевање плус традиционален појадок .

Но, тоа не е сè !! Хорсе ридинг Бозовца нуди и јавање , и тоа по цени од 300 до 1200 МКД, во зависност од изминатото растојание.

Домаќинот Дурсим, е исто така одличен изведувач на локална музика која е автентична за фолклорот од овој регион, така што нудат и вечера со традиционална музика.

За повеќе детали, контактирајте на +38971464744, Дурсим Рушани

 

 

Во тек е конкурсот за Европски дестинации на извонредност

Дали вашата дестинација е одржлив туристички пионер?Тогаш имате можност за учество на конкурсот за Европски дестинации на извонредност.

#EDEN ги препознава и наградува достигнувањата во „зелените„ трансформативни практики во помалите туристички дестинации.

Рокот за поднесување апликации е 16 јуни. Повеќе информации на следниов линк.

Логото е преземено од официјалната страна на Европската Комисија

Странските туристи бесплатно ќе се тестираат при посета на земјава

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната прес-конференција најави бесплатни ПЦР-тестови за странските туристи кои планираат да ја посетат нашата земја во текот на претстојнава сезона. Станува збор за една од мерките што спаѓа во шестиот антиковид пакет за економијата што го планира владата, а со цел да се стимулира туризмот во земјава.

Битиќи денеска спомена оти годинава се очекуваат околу 50.000 странски туристи што ќе ја посетат земјава, а на кои ќе им се покријат трошоците за ПЦР-тестовите, за истите да не бидат дополнителен финансиски товар за потенцијалните гости во туристичко-рекреативните центри.

„Тоа ќе се направи во соработка со Институт за јавно здравје, Фондот за здравство и Министерство за здравство, затоа што сметаме дека само кредибилни и јавни институции можат да спроведат ПЦР-тестирање на ваков начин и во толку голем обем, како што имаме предвидено“, рече вицепремиерот Битиќи.

Шестиот пакет мерки за поддршка на економијата во услови на ковид-19 пандемијата е вреден 17,8 милиони евра, а истиот содржи таргетирана финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60.000 вработени.

Текстот е преземен од Мета.мк

Елбасан, град со неверојатно скриена убавина

На само 66 километри од македонско – албанската граница се наоѓа градот Елбасан, еден од најголемите градови во Албанија и административен центар на истоимената област. Во центарот на градот e Калето кое е сведоштво за едно минато и бурно време . Покрај неговата историска вредност она што е посебно интересно е тоа што внатре во калето покрај неколку кафетерии и ресторани има цела населба на индивидуални куќи со преку 2000 жители . Низ градот поминувал главниот пат Вија Егнација.

Близината на морето придонесува за благопријатна клима и во овој период од годината. Посебно фасцинира огромниот број на дрва преполни со портокали и мандарини .

Она со кое Елбасан може посебно да се пофали е гастрономијата. Во голем дел од рестораните се служи одлично подготвена храна , посебно специјалитетите од телешко месо. Храната е толку добро подготвена што врвни светски ресторани можат да учат за тоа како се подготвуваат специјалитети од месо.

Чистиот воздух е дополнителна причина за посета на Елбасан , многу едноставен град со неверојатно скриена убавина.

ССКМ: Итно донесување на петтиот пакет мерки и директна финансиска помош за спас на туристичко-угостителскиот сектор

Туристичко-угостителскиот сектор е во исклучително тешка состојба, а деловните субјекти не можат да ги подмират достасаните обврски и се принудени да ја прекинат својата деловна активност, велат од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ).

Оттаму додаваат дека се доведува во прашање одржувањето на голем број работни места.

„Ако итно не се исплати поддршката со петтиот пакет на мерки и не се обезбеди дополнителна директна и неповратна финансиска, постои реална опасност да бидат оштетени и да згаснат голем број ентитети од овој сектор“, предупредуваат од комората.

Претпријатијата од овие сектори реагираат поради задоцнетата имплементација на петтиот пакет мерки затоа што бележат пад на промет од над 80 отсто, а во некои дејности падот е и 100 отсто.

„Поддршка за исплата на плата за јануари, воопшто не е предвидена, а за месеците февруари и март сѐ уште се чека на донесување на законската регулатива. Состојбата дополнително се влошува и поради новите рестриктивни мерки кои значат речиси целосно затворање на објектите од угостителство. Рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните се пред сѐ, но сметаме дека паралелно со нивното носење треба да се креира и додели соодветна помош за претпријатијата“, стои во соопштението на ССКМ.

Според Ана Марија Алексова, член на УО на ТУК, претпријатијата од овој сектор се оставени сами да се снаоѓаат, излезот се бара во намалување на трошоците кои во услови на немање деловна активност, значи редуцирање на работни места.

„Доколку се дозволи затворање на работните места, ќе бидат потребни многу повеќе средства и време за нивно повторно отворање и во прашање е дали воопшто некогаш ќе се отворат, доколку згаснат претпријатијата“, вели таа.

ТУК бара да биде редизајнирана економската мерка „ваучери за туризам“ која и досега беше дел од пакетот за спас и за која има најава дека ќе продолжи. Овие ваучери треба да бидат достапни и да се реализираат преку туристичките агенции, со вклучување на категоризирани хотелите, лиценцирани туристички водичи, превозници од транспортниот сектор, со што граѓаните би добиле комплетна услуга, а средствата би биле распределени на сите чинители на кои им е потребна.

SharOutdoors – Adventures in Macedonia and the Balkans – Мартовско скиање

За крај на скијачка сезона Ве покануваме да го посетите официјалниот сајт на SharOutdoors – Adventures in Macedonia and the Balkans и да направите резервација на време. Побрзајте местата се ограничени!

За SharOutdoors – Adventures in Macedonia and the Balkans кратко инфо:

Доколку вашиот следен празник вклучува откривање на нови планини, скијање, ски-туризам, аикидо, сплит-борд, планински велосипедизам, планинарење, качување по карпи на недопрени и уникатни места, доживејте природност на регионот и големо гостопримство, една од нашите авантури во Македонија за сигурно треба да бидете на вашата следна дестинација. Исполнет со планини, реки и езера, тоа е совршена дестинација за луѓето кои се гладни за нови авантури на отворено. Вашиот одмор на Балканот никогаш повеќе нема да биде ист откако ќе ги искусите скриените богатства на Македонија.

Ковид-19 лани го намали бројот на туристи во земјава за речиси 720.000 во однос на 2019 година

 

Огромни финансиски штети претрпел туристичкиот сектор во земјава како последица на ковид-19 пандемијата. Во 2020 година, бројот на туристи се намалил на 467.514, наспроти регистрираните 1.184.963 домашни и странски туристи што ја посетиле Македонија во 2019 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Најголемо е намалувањето кај странските туристи, па така македонските туристички центри лани ги посетиле 118.206 гости од странство, кои оствариле скромни 252.930 ноќевања. Една година претходно, во земјава имало 757.593 странски посетители кои минале 1.577.771 ноќевање.

Како последица на ваучерите за туризам што ги додели владата и поради затворените граници за патување, бројот на домашни туристи во 2020 година бил намален, но не толку драстично како кај странските гости. Во 2020 година се регистрирани 349.308 домашни туристи, односно за 18,3 отсто помалку во споредба со претходната година. Бројот на ноќевања на гостите од земјава изнесувал 1.444.605, при што тој бил за 14,2 отсто помал во однос на 2019 година.

Инаку, вкупниот број на реализирани ноќевања на домашните и странските туристи во 2020 година изнесува 1.697.535 и е речиси двојно помал во споредба со 2019 година, кога биле регистрирани 3.262.398 ноќевања.

„Во периодот јануари ‒ декември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 60,5 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 18,3 отсто, а кај странските има намалување за 84,4 отсто“, се вели во Извештајот на Државниот завод за статистика.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во декември 2020 година изнесувал 31.175, кои оствариле 60.345 ноќевања. Бројот на туристите во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, е намален за 49,3 отсто, а бројот на ноќевањата е намален за 49,5 отсто.

Бројот на домашните туристи во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, е зголемен за 20,7 отсто, а бројот на странските туристи е намален за 85,2 отсто. Бројот на ноќевањата на домашните туристи во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, е зголемен за 2 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 81,6 отсто.

Текстот е преземен од Мета.мк 

Достапна нова мобилна апликација „Discover Ohrid“ за промоција на охридскиот туризам

Фото: Љупчо Џамбазовски на Unsplash

Денеска пред јавноста Центарот за интегриран развој Охрид – ЦИРО, со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, ја презентираа туристичката мобилна апликација „Discover Ohrid“.

На апликацијата која е двојазична на македонски и англиски јазик, патеките поврзани со културата се и со аудио-водич, а поставената офлајн мапа во апликацијата овозможува патеките да се користат и без интернет конекција.

Концептот на апликацијата предвидува интерактивна улога на корисникот, што се овозможува преку вклучениот систем на достигнувања и награди. Доколку корисникот комплетира некоја патека или посети одреден број знаменитости, добива награди и попусти од локалните даватели на услуги. Таквата опција на апликацијата се очекува со поголем ангажман, корисникот во целост да го истражи Охрид. Проектот и апликацијата се осмислени да придонесат кон зголемување на конкурентноста и одржливоста на охридскиот туристички сектор преку дигитализација на туристичките потенцијали и услуги.

Во апликацијата се опфатени над 130 обележја од интерес, групирани во шест патеки за откривање на културното наследство на Охрид и околината, десет патеки преку кои може да се ужива во природното наследство, над десет понуди од областа на активниот туризам, над 30 угостителски објекти и 15 работилници од традиционалното охридско занаетчиство.

Истовремено се очекува апликацијата да ја подигне свеста за културното и природното наследство на Охрид и потребата за нивна заштита, а со вклучување на услуги од активниот туризам, угостителството и занаетчиството, поддршка се дава и на локалните бизниси што е од особено значење во кризата предизвикана од ковид-19.

Тековната верзија претставува основа со многубројни можности за надградба и се очекува да биде збогатена со уште светски јазици за да може понатаму да се развива во стабилна платформа за севкупната понуда на Охрид како туристичка дестинација.

Текстот е преземен од Мета.мк

Корона кризата не запира – бројот на туристи во ноември лани намален за 66,6 отсто

Туризмот како една од најпогодените гранки на економијата продолжува да трпи сериозни штети од корона кризата. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во ноември 2020 година изнесувал 21.516, кои оствариле 48.182 ноќевања.

Статистиката покажува дека бројот на туристите во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, е намален за 66,6 отсто, а бројот на ноќевањата е намален за 64,5 отсто. Притоа, домашни гости во ноември 2020 имало за 24,9 отсто помалку, додека кај странците намалувањето во однос на ноември 2019 изнесува дури 87,3 отсто.

Кај бројот на ноќевањата на домашните туристи во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, има намалување од 34 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 84 отсто.

Податоците за ноември 2020 година се само дополнителен показател за кризата во туризмот што ја предизвика корона кризата во земјава. Во периодот јануари ‒ ноември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 61, 2 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 20,3 отсто, а кај странските има намалување за 84,4 отсто.

Во периодот јануари ‒ ноември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е намален за 47,9 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 14,7 отсто, а кај странските има намалување за 84,1 отсто.

Текстот е презенем од Мета.мк

ССКМ: Угостителско туристичкиот сектор најмногу страда во ковид кризата, потребна континуирана поддршка

Туризмот и угостителството кои имаат значителен придонес во домашната економија се најпогоден сектор во актуелната ковид криза, каде загубите кај голем број правни субјекти беа и се уште се 100 процентни, соопштија од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ).

„Овој сектор влезе во период на рестрикции и мало подобрување на состојбите имаше во летниот период кога некои субјекти ја намалија загубата, но на годишно ниво, не се постигна остварување на профит, ниту покривање на трошоците“, изјави Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, кој 10 години ги застапува интересите на повеќе од 1.500 претпријатија од овој сектор. 

Од ССКМ посочуваат дека Владата донесе четири пакети економски мерки насочени кон целата економија, но и таргетирани кон туристичко-угостителскиот сектор и потсетуваат дека, реалниот приказ во овој сектор е следниот: голем дел од угостителите немаат никаква активност 10 месеци, или од март 2020.

Секој ресторан има просечни месечни режиски трошоци од околу 5.000 евра, плус трошоците за плати на вработените. Од државата се доби еднократна помош од 10.000 евра, што е еднакво на трошоците за два месеца, како и финансиска поддршка од 14.500 денари за шест месеци.

На туристичките агенции просечно месечните потреби изнесуваат 1.500 евра за режиски трошоци, и плус трошоците за плати на вработените, а тие добија финансиска помош во висина од 3.000 до 5.000 евра, еднократно, и финансиска поддршка од 14.500 денари за шест месеци.

„Туристичките водичи, кои останаа без плата 9 месеци, добија помош на крајот на годината, која на просечно месечно ниво за 10 месеци од кризата, изнесува околу 6.000 денари месечно. Рент-а-кар компаниите, покрај намалената работа од над 60 отсто, се соочуваат со огромна загуба на капиталот во однос на губење на вредност на возилата, а од економските мерки имаа можност да аплицираат за финансиска поддршка од 14.500 денари за период од 6 месеци. Затоа се бара, помошта од државата во 2021 да биде посилна и таргетирана кон поддршка на туризмот и угостителството и таа да трае во континуитет“, соопштија од ССКМ.

Текстот е преземен од Мета.мк